Пливачката федерација на Македонија одржа средба со новинари со цел да ги презентира чекорите кои ги презема за да креира нова димензија во развојот на спортското пливање во Македонија.
Секоја активност е предвидена да има максимален ефект врз овој спорт имајќи ги во предвид младите надежни пливачи и професионалците кои со години се докажуваат на меѓународната сцена.
„Нашата програма за два олимписки спорта, пливањето и далечинското пливање, т.е. Маратонот се направени усогласени со календарот на ФИНА и очекуваме соработка преку спортски дијалог и преку имплементација на средствата кои следат согласно програмата да ги исполнат институциите, а нормално и ние како пливачка федерација. ПФМ како ко-партнер со државата, која има планирано изградба на пливачки базени, а само еден е во фаза на изградба веќе три години и очекувам идната година тој базен да биде отворен како четврти во Македонија. Ние како држава моментно имаме три затворени базени и условите во моментов не налагаат да очекуваме било што во моментов. Би сакал до 2024 година да имаме од постоечките три базени, уште четири во различни градови пред се и уште шест минимум школски базени, кои што би биле за задолжителна настава и развој на дечиња и преку тие школи за пливање да се откријат таленти. Таквите школски базени се основа за здрава младина и за пронаоѓање на таленти.“, истакна претседателот на Пливачката федерација на Македонија, Александар Маленко. Тој додаде дека државното првенство ќе биде настан од значаен карактер, дека ја имаат програмата за сите клубови со настани до декември 2018 година и дека за прв пат во Македонија ќе има државни првенства за пионери кадети, две летни и две зимски првенства.
Предвидената програма е поделена на далечинско и олимписко пливање. Македонија за прв пат ќе добие четири пливачки маратони како националното првенство во далечинско пливање на 2,5 и 5 километри за деца и повозрасни до 16 години, Охридскиот маратон ќе се одржи на највисоко ниво, олимписки пливачки маратон на 10 километри, пет километри пливање за квалификации на Европско и Светско првенство и 2,5 километарски маратон за деца до 16 години и Македонија ќе биде домаќин на Централното европско првенство за кадети. Во ПФМ ќе се воспостават сертификати за тренери, судии и делегати согласно меѓународната соработка со Светската пливачка федерација и ќе се ревидираат стипендиите за млади надежни пливачи во склоп на правилниците на Пливачката федерација на Македонија.