Минатата сабота на 18 Март 2023 Во Еилат, Израел се одржа првата трка од купот на ЛЕН во пливање на отворени води на 10 км. За нас е ова важно бидејќи и Македонија е дел од овој Куп со трката која ќе се одржи како претпоследна 5-та по ред на 3 септември на езерото Младост кај Велес. Врховен судија на овој маратон беше нашиот претставник Васил Велков.
– Маратонот помина во беспрекорна организација на пливачката федерација на Израел. Тие поставија многу високи, скоро недостижни стандарди во организација на вакви натпревари. За натпревар на кој учествуваат 75 пливачи од целиот свет, во организација беа вклучени околу 50-тина професионалци и волонтери.
Паралелно со натпреварот беше одржан и состанок на Комитетот за пливање на отворени води при ЛЕН. Дел од овој комитет е и нашиот претставник Васил Велков.
– На состанокот се решаваше за многу важни теми за иднината на овој спорт, но најважно за нас е тоа дека ЛЕН покажа интегритет во поглед на зачувување на традицијата за организирање на ултра маратони трки подолги од 25 км. Извесно е дека Охридскиот маратон оваа и следната година ќе биде единствениот натпревар надвор од Европското првенство кој ќе се реализира под закрилата на ЛЕН. Повеќе детали за формата на натпреварот и новите правила ќе бидат објавени на официјалните гласила на ЛЕН.