Младинската ватерполо репрезентација на Македонија во периодот од 24 до 27 мај учествува на квалификациониот турнир за пласман на Европското Првенство за ватерполисти под 19 години кој се одржува во Варна, Бугарија. Во нашата група освен Македонија учествуваат и Русија, Бугарија, Израел и Украина, а само прво пласираните две репрезентации ќе обезбедат учество на Европското Првенство кое ќе се одржи во септември годинава во Франција.
Oчекувањата за квалификациониот турнир ги пренесува селекторот Сашо Христовски: „Не можеме да бидеме големи оптимисти за пласман на Европското првенство. Со оглед на тоа што во минатиот период имавме големи проблеми со одржување на формата на ватерполистите која до тогаш имаше нагорна линија, но за жал истата опадна затоа што формата не се одржува доколку ватерполистите немаат основни услови за тренинг и воигрување.
Така на пример иако во Март годинава се отвори базенот „Младост“ сепак не можевме да најдеме разбирање и да обезбедиме термини за тренинг на базенот. Потоа во Април се отвори Олимпискиот базен, но сепак немаше услови за основен тренинг бидејки од управата на базенот не ни беше дозволено користење на основните реквизити за ватерполо тренинг како што се на пример ватеполо топки и слично. Токму затоа, нашите очекувања од овој квалификационен турнир се навистина скромни и може да се рече дека одиме да настапиме колку да не ги разочараме и онака веќе разочараните млади надежи на македонското ватерполо.“