Оваа сабота, на 23 август, 22 натпреварувачи од 14 земји ќе учествуваат на 28миот Пливачки маратон што ќе се одржи на патеката „Климе Савин“ од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште во Охрид.
Целта, според претседателот на Сојузот на спортови од Охрид, Коста Карадимче, е предвидена за по 17 часот, а по пристигнување на сите учесници на Градското пристаниште, покровителот на манифестацијата, Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе ги додели наградите. Наградниот фонд за 28-от Пливачки маратон е 10.000 долари.
На 30-километарската патека во водите на Охридското Езеро точно напладне ќе запливаат 16 мажи и шест жени од Казахстан, Бразил, Аргентина, Италија, Белгија, Франција, Македонија, Германија, Чешка, Хрватска, Русија, Шпанија… Стартната листа изгледа вака:
МАЖИ | ЖЕНИ |
1. Vitaliy Kudyakov (Kazakhstan)
2. Mateus Evangelista (Brasil) 3. Dario Fernando Ciaramella (Argentina) 4. Samir Barel Botelho (Brasil) 5. Eduardo Stochino (Italy) 6. Blaum Damian (Argentina) 7. Tsvetan Yordanov (Bulgaria) 8. Brian Ryckeman (Belgium) 9. Joanes Hedel (France) 10. Tomi Stefanovski (Macedonia) 11. Aleksandar Ilievski (Macedonia) 12. Aleksandar Pancevski (Macedonia) 13. Simon Pistor (Germany) 14. Xavier Desharnais (Canada) 15. Bertrand Venturi (France) 16. Evgenij Pop Acev (Macedonia)
|
1. Silie Rybarova (Czech Republic)
2. Dina Levacic (Croatia) 3. Anna Mankevich (Russia) 4. Pilar Geijo (Argentina) 5. Vanesa Rita Garcia (Argentina) 6. Ester Morera Nunez (Spain)
|
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески нагласи дека Охридскиот маратон е голем промотор на градот во светски рамки. – Локалната самоуправа направи максимални напори маратонот да биде на што е можно повисоко ниво. Очекувањата на целата наша спортска јавност се големи поради учеството на нашиот пливач Томи Стефановски, кој е годинашен фаворит и доколку победи ќе стане светски шампион во пливање за 2014 година, рече Бакрачески.
Охридскиот пливачки маратон е во организација на Меѓународната пливачка организација – ФИНА, главен организатор е Пливачката федерација на Македонија, а техничката организација е на општина Охрид и Капетанијата на пристаништата.
“Пливачката федерација на Македонија и оваа година посветено работи на тоа маратонот да биде на едно високо ниво, со кое може да им парира на пливачките маратони кои се одржуваат низ целиот свет. Среќни сме што и оваа година имаме пливачи од многу различни земји, а со тоа и поинтересна трка. Тимот кој работи на организацијата на маратонот веќе ги завршува последните активности, па и оваа година очекуваме маратон кој ќе биде интересен и за натпреварувачите, како и за сите оние кои го следат. Сакаме воедно да им се заблагодариме на сите оние кои учествуваа во организацијата на овогодинешниот маратон и ја дадоа својата несебична помош и поддршка, започнувајќи од луѓето во кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов, па до организаторите од Градот Охрид, на чело со градоначалникот Никола Бакрачески. И секако не смееме да ги заборавиме нашите спонзори без чија што материјална помош не би можеле да го организираме Охридскиот Маратон на ниво на кое што заслужува.” – ни изјави Елена Илиевска, координатор на маратонот.
Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид бил одржан во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на овој маратон бил египќанецот Абу Хеиф, а третото место му припаднало на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победила неговата сестра Атина Бојаџи. Ние и оваа година ќе ги стискаме палците за нашите четворица пливачи, за кои имаме високи очекувања.