Со победата над ватерполо репрезентацијата на Германија во последниот дуел од групата „Б“ на Светската Лига во ватерполо, нашата репрезентација го заокружува учеството во ова реномирано натпреварување. Откако резултатот во регуларниот тек заврши нерешено 9:9 (по четвртини 1:4; 3:2; 2:1 и 3:2), во пенал серијата успеавме да ги совладаме Германците со 13:12.
Македонската репрезентација настапи со видно изменет состав во однос на претходните натпревари, но очигледно беше дека новиот селектор Поповски одлично ги имаше мотивирано своите избраници. Нашите ватерполисти покажаа храброст и борбена игра што се покажа како пресудно, со оглед дека на две и пол минути до крајот губеа со 9-7, но собраа сили да стигнат до израмнување и да го одведат овој меч во пенал-рулет.
При изведувањето на пеналите маестрален беше македонскиот голман Маринковиќ, кој што одбрани неколку удари на противниците, вклучувајќи го и оној последниот на Улер, па по седмата пенал-серија Македонија можеше да го прослави својот прв триумф во Светката лига.
За нашиот тим ова е убав вовед во почетокот на подготовките за настап на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките Игри, кој ќе се одржи во Едмонтон, а токму селекцијата на Германија ни е еден од конкурентите во борбата за настап во Лондон.